PIOM: И ГОДИНАВА ПРОДОЛЖУВА РЕАЛИЗИРАЊЕ НА ПРОЕКТОТ И ГОДИНАВА ПРОДОЛЖУВА РЕАЛИЗИРАЊЕ НА ПРОЕКТОТ ================================================================================ Snezana Kutuzovska on 17 January, 2012 10:17:00 На 14 јануари 2012 год., во Министерството за труд и социјална политика се одржа прес-конференција за Проектот „Бањско-климатска рекреација на корисниците на пензија за 2012 година“, на која присуствуваа и пред новинарите зборуваа министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, директорот на Фондот на ПИОМ, Беким Незири и претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Драги Аргировски. Најнапред пред новинарите свое обраќање имаше министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, кој објасни дека, во рамките на програмските активности за обезбедување на социјална заштита и сигурност на старите лица во 2012 година, Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика и оваа година продолжуваат со реализација на Проектот за бањско-климатска рекреација на корисниците на пензија. - За реализација на овој проект годинава, обезбедени се средства со Буџетот на Република Македонија и зависно од интересот што ќе биде покажан, постои можност од дополнително проширување на опфатот на пензионери. Сакам да потенцирам дека лицата–корисници на пензија кои во 2010 и 2011 год. користеле бањско-климатска рекреација, не може оваа услуга да ја користат и во 2012 година, рече министерот Спиро Ристовски. Во понатамошното свое излагање, тој посочи на условите за користење на услугата за бањско-климатска рекреација, согласно кои, истата може да ја користат корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија остварена според прописите на Република Македонија и прописите на други држави со кои Република Македонија има склучено Договор за социјално осигурување, а кои ова право го стекнале заклучно со октомври 2011 година. Услугата може да се користи еднаш, во период од 19 март до 30 ноември 2012 година, во траење од 7 дена, и истата опфаќа 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, еден задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во која ќе се користи услугата на бањско-климатската рекреација. И оваа година, подвлече министерот Ристовски, услугата за бањско-климатска рекреација се остварува со правни лица регистрирани за вршење на услуга за бањско-климатско лекување, со кои Министерството за труд и социјална политика ќе склучи договор како и во претходните години, и тоа со: Здравствената установа-природно лекувалиште “Негорски бањи“ АД Негорци, Гевгелија, Друштвото за бањски туризам и телесна рехабилитација “Дебарски бањи Цапа“ АД Дебар, Друштвото за физикална медицина и специјализирана медицинска рехабилитација “Катлановска бања“ ДОО Катланово и Здравствената установа АД “Цар Самоил“, село Банско - Струмица. Пред новинарите се обрати и директорот на Фондот на ПИОМ, Беким Незири, кој потенцира дека во реализацијата на овој значаен владин проект, во кој се вклучени пензионери со најниски примања, значајно место зазема и Фондот на ПИОМ, со што активно учествува во развојот и унапредувањето на активностите поврзани со прашањата од секојдневниот живот на пензионерите. На крајот од своето обраќање, директорот Беким Незири, ги повика пензионерите кои сакаат да ја користат услугата за бањско-климатска рекреација, да аплицираат во филијалите на Фондот на ПИОМ, во периодот од 16 јануари до 15 февруари. Потоа, по овој период, Комисијата на Министерството за труд и социјална политика ќе изврши соодветно рангирање.