Прашања и одговори
Поставете го вашето прашање
Кога може да ми одобрат пензија иако на 31.08.2007 година имам остварено 40 години работен стаж, а сега имам 59 години?
Согласно член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (Сл. весник на РМ бр. 70/2006 година), осигуреникот (маж) кој на 1. 09. 2000 год. имал најмалку навршен пензиски стаж од 33 години, правото на старосна пензија можеше да го оствари и со наполнување на 40 години пензиски стаж без оглед на возраста најдоцна до 1.09.2007 година.
Со оглед дека ова право не сте го искористиле до овој датум, правото на старосна пензија ќе го остварите под условите предвидени во членот 17 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување , со наполнување на 64 години живот, доколку немате навршен стаж кој се смета со зголемено траење за остварување право на старосна пензија со намалување на старосната граница согласно член 18 од овој Закон.
Дали работник кој остварувал право на бенефициран стаж во Министерството за одбрана и по тој основ може да мусе намали старосната граница за одење во пензија, а сега се наоѓа во друг државен орган и во периодот од превземање од МО во новиот државен орган
Право на намалување на старосната граница постои без разлика каде во моментот работи лицето и дали во моментот има бенефициран стаж. Тоа право го остварува врз основа на годините поминати на работното место на кое стажот на осигурување се смета со зголемено траење. Тоа право го остварува под услов за тој период да се платени дополнителните придонеси за стаж на осигурување што се смета со зголемено траење и да ги исполнува условите од член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Ве молам да ми кажете на која основа од пензијата на починат член од семејството се пресметува висината на семејната пензија. Поточно, ме интересира дали се зема основата на последната исплатена пензија?
Согласно член 79 од Законот, семејната пензија се определува од старосната или инвалидската пензија што на осигуреникот би му припаѓала во часот на смртта, односно од пензијата што на корисникот на пензијата му припаѓала во часот на смртта. Доколку се работи за веќе остварена пензија на корисник, пензијата што е остварена се валоризира на денот на смртта на корисникот и од неа се определува 70% доколку се работи за еден член од семејството и за секој нареден член уште по 10%, но не повеќе од 100% од одновата. Значи како основа служи пензијата која би му припаѓала или му припаѓала во часот на смртта на покојниот осигуреник, односно корисник на пензија.
Ве молиме да не известите дали Фондот на ПИОМ поседува акции и ако да, колку во АД Инекс Дрим хотели Струга и дали се тие предмет на продажба и по која цена?
Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија во ИНЕКС ДРИМ АД – Струга поседува 11.650 приоритетни акции без ограничувања со номинална вредност од 100 ДЕМ за една акција, односно во износ од 595.655 ЕУР или 11,30% од основната главнина на друштвото.
Согласно правилата за продажба на акциите и уделите што ги поседува Фондот, Одлука за продажба на акциите како и за условите за продажба донесува Управниот одбор на Фондот на предлог на Комисијата за акции и удели. Акциите се продаваат на јавна берзанска аукција при што почетната продажна цена не може да биде пониска од 50% од номиналната вредност, а плаќањето се врши исклучиво во ефективни средства (готовинско плаќање).
Сите заинтересирани за купување на акции од Фондот можат по писмен пат да го искажат својот интерес.
Како ќе примаат пензија лицата со посебни потреби (неподвижни)?
Пензионерот иако е неподвижен, потребно е да отвори трансакциска сметка во банка. Банките имаат своја служба која доаѓа дома по информирањето од страна на странката дека е инвалидно лице, се склучува договор за трансакциска сметка и можност пензијата да се доставува до домот на живеење како што беше и претходно. Пензионерот може да овласти и свој полномошник при потпишување на договорот со банката кој ќе ја подига пензијата од банка во негово име.
Кога жена од 59 години старост и 25 години стаж може да отиде во пензија?
Според член 17 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, осигуреник-жена стекнува право на пензија кога ќе наполни 62 години живот и најмалку 15 години стаж.
Како се пријавува нова фирма?
Согласно прописите, пријавување, односно регистрација на нов обврзник се врши преку Централниот Регистар на Македонија. Обврзникот, исто така, се регистрира и во Фондот на ПИОМ, каде што се приложува решението за регистрација од Централниот регистар. Соодветната пријава М/11 со која се врши регистрацијата, се спроведува во подрачните единици на Фондот на ПИОМ.
Колку години имам платено работен стаж?
Потребно е лично да дојдете во Подрачната единица на Фондот на ПИОМ, каде со документ за идентификација (лична карта или пасош), на шалтер веднаш ќе Ви биде издадена листа со целиот уплатен стаж.
Дали е започнато со имплементација на одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои се однесуваат на професионалната рехабилитација и каква е процедурата во врска со тоа?
Членовите од Законот за измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (Сл.весник на РМ бр.153/07) кои се однесуваат на професионалната рехабилитација, се применуваат од 1.1.2008 година.
Со членот 13 од Законот за измени и дополнувања на Законот за ПИО, регулирано е дека право на професионална рехабилитација има осигуреникот кај кој ќе настане инвалидност пред навршени 50 години живот, ако според преостанатата работна способност може да се оспособи за работа со полно работно време.
Инвалид на трудот кој стекнал професионална рехабилитација се оспособува за вршење на друга соодветна работа за која е потребна стручна подготовка која одговара на работите што ги вршел на својата работа пред настанување на инвалидноста.
Според членот 17 од Законот за измени и дополнувања на Законот за ПИО, инвалид на трудот кој стекнал право на професионална рехабилитација има од денот на настанување на инвалидноста до денот на почетокот на професионалната рехабилитација, за време на професионалната рехабилитација и од денот на завршетокот на професионалната рехабилитација до вработување на соодветното работно место, право на надоместок на плата во висина на инвалидската пензија во случај на професионална неспособност за работа.
Кога ќе се одржат обуките за новиот начин на плаќање на придонесите и дали ќе бидат бесплатни?
За терминот за одржување на обуките ќе бидат известени сите заинтересирани обврзници кои ќе се пријават во подрачните единици на Фондот на ПИОМ, a и оние кои нема да се пријават ќе бидат известени преку јавните гласила. Се планира обуките да бидат бесплатни или евентуално со симболична котизација, што сеуште не е дефинирано.
Дали сум осигуран и на која сума. Работам во Амстел како физиотерапевт?
Треба лично да се обратите и идентификувате во Подрачната единица на Фондот на ПИОМ, каде ќе добиете извештај за сите уплати.
Како да извршам уплата за ПИО за 2002 година по рекапитулари 30118 и дали ми следува 30% ?
За да се изврши уплата на придонес за ПИО за период пред 01.01.2006 година, потребно е претходно да отидете во Подрачната единица на Фондот на ПИОМ за да Ви изготват налог за плаќање со фолио број.
Ве молам да ме известите колкава е најниската основица на ПИОМ за март 2008 година?
Нето просечната плата во Република Македонија, за март 2008 година, изнесува 15.555, а најниска основица за плаќање на ПИО изнесува 10.111 денари.
Ве молам да ме известите колкава е просечно исплатената плата по вработен од претходниот месец, за да може да изготвам МППП?
Просечната месечна нето-плата зе месец октомври 2006 година изнесува 13.718,00 денари, а за месец ноември 13.603,00 денари.
Ве молам да ме известите дали постои можност сам преку интернет да го проверувам моето осигурување (ПИО) и ако може, како тоа да го направам?
Податоците за стажот на осигурување, платите, надоместоците на плата и основици на осигурување можете да ги добиете во Подрачната единица на Стручната служба на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Имено, со лично обраќање во Подрачната единица во Скопје, ќе добиете извод од регистрираните податоци во матичната евиденција на Фондот на ПИОМ, а притоа е потребно да имате документи за лична идентификација (лична карта или пасош). Во однос на прашањето за следење на личните податоци на интернет страницата на Фондот, Ве известуваме дека е во тек изготвување на процедура со која набрзо ќе имате можност да ги следите Вашите податоци на овој начин.
ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА УПРАВНИОТ ОДБОР ВО ГОДИНАТА ШТО ИЗМИНУВА
На 28 декември 2011 година Управниот одбор на Фондот ја одржа последната за оваа година - 101 седница, со која раководеше претседателот Ацо Стојанов. На седницата ...КОНТАКТ
Makedonski
Shqip
English



