Избор
РОМАНИЈА - ПРЕД РЕФОРМА НА ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ
НА РЕД СЕ МНОГУ ПРОБЛЕМИ
Притисната од Меѓународниот монетарен фонд, романската влада најави итни промени во пензискиот систем.Меѓу оние земји што се соочени со пензиската криза и кои поради тоа мораат нешто итно да променат, е и Романија. Можеби Романците сеуште би продолжиле по старо, продлабочувајќи го јазот меѓу она што се слева во пензиските фондови и она што од нив се одлива, ако и таму не се заканил ММФ кој пропишува колку за што државата може да потроши, за нејзино добро и иднината на ММФ.
Романија на почетокот на светската финансиска криза, од Меѓународниот монетарен фонд добила голем финансиски пакет од 19,95 милијарди евра. Но, како и на друго место, така и во Романија тие средства не стигнуваат одеднаш, туку се исплаќаат на рати, при што се проверува не само како се трошат, туку и колку примачот е дисциплиниран – во воведувањето на сопствената буџетска дисциплина. Поради тоа, исплатата на втората рата од 1,85 милијарди евра е условена од урамнотежувањето на буџетскиот дефицит, што, меѓу другото, подразбира и прилагодување на пензискиот систем на новите реалности.
Според предлогот на новиот пензиски закон кој во парламентот влегува по итна процедура (што подразбира да нема пратенички амандмани), старосната граница за заминување во пензија за мажите од сегашните 63 години се поместува на 65 години, додека жените, наместо до 58 години и 8 месеци, сега ќе мора да работат додека не наполнат 60 години (инаку во пракса, Романците, и мажите и жените, во просек во пензија оделе со 54 години).
Покачувањето на старосната граница би се спровело до 2014 година, додека подолгорочно е предвидено дека и жените, по 2030 година, ќе мораат да работат до 65 години. Сепак, според новиот систем, веќе нема да има ниту специјални пензии за привилегираните пензионери - војниците, полицајците, судиите, па и пратениците и дипломатите, до сега во пензија оделе дури со 55 години, а во иднина границата за нив ќе биде 60 години (сепак, донекаде, остануваат привилегирани).
Причина за оваа привилегија биле и таканаречените специјални услови на нивната работа и тоа до сега се однесувало на околу 300.000 лица кои примале плата од државниот буџет. Оваа категорија имала и пониска стапка на придонеси, што, исто така, ќе биде променето: по реформата, сите од бруто примањата за пензија ќе одвојуваат по 31,3 отсто.
Индексирањето на пензиите според новиот систем ќе се извршува така што во предвид ќе се зема годишната стапка на инфлација и само 50 отсто од реалниот пораст на платите на активните работници.
Владата пред ММФ се обврзала дека овие, како и други, промени ќе бидат озаконети до крајот на годината, што е прилично тешка домашна задача, со оглед на деликатните политичко-економски прилики во Романија.Новиот реформски зафат во романскиот пензиски систем подразбира и помала дарежливост на пензиските фондови спрема оние кои се пензионираат предвреме, како инвалиди или поради некоја друга причина. Исто така, ќе биде воведен и нов, поцврст, приватен столб на пензискиот систем, овој пат, на барање на Меѓународниот монетарен фонд, како задолжителен.
Од овие и слични мерки, се очекува заштеда од околу 40 отсто од проектираниот дефицит. Романската држава, инаку, има средства за редовна исплата на пензиите до почетокот на 2011 год., а потоа, што ќе биде...Кога се вели дека државата има пари, тоа во Романија значи дека во буџетот сеуште е неспорен износот од околу 1,5 милијарди евра, со колку што се пополнува дупката на ставката за исплата на пензиите и останатите социјални давачки. Што ќе се случи по 2011 година, тоа не се ни споменува.
ГРЦИЈА – И ЕКОНОМСКАТА КРИЗА
ПЕНЗИИ УШТЕ ЗА САМО ОВАА ГОДИНА
Неочекувано соочување со долг од 300 милијарди евра и очекувана најава на нова пензиска реформа, пред да биде спроведена старата.Ако тоа што на соседот му се разболела кравата е некоја утеха (а во цивилизираниот свет така не би требало да биде), тогаш да се тешиме со тоа што Грците се нашле во проблеми кои сериозно се закануваат да им го расипат не само имиџот, туку и стекнатиот углед во последните децении како стара членка на Европската унија која може да служи за пример на новите, или на оние што имаат желба тоа да станат.
Отрезнување беше декемврискиот податок дека долгот на земјата достигнал вртоглави 300 милијарди евра, дека буџетскиот дефицит пораснал на астрономски 12,7 отсто од бруто националниот производ, надминувајќи го дури четири пати дозволениот лимит на членките на ЕУ кои, во „еврозоната“ користат заедничка валута, што е најимпресивен пример на финансиската интеграција во Унијата.Ситуацијата е оценета како најголема должничка криза во поновата историја на Грција, која, како што е соопштено во Атина, нема веднаш да вика итна помош од Меѓународниот монетарен фонд, туку Владата ќе се обиде со итни реформи да ја промени состојбата (и навиката) во земјата повеќе да се троши, отколку што се произведува.
Оваа тешка задача и се падна на новата Вада на Јоргос Папандреу, која на вонредните избори во октомври минатата година го презеде националното кормило. Социјалистите (ПАСОК) овој пат, меѓутоа, ќе се најдат пред поголеми искушенија отколку порано. Прво, ќе мораат да превземаат непопуларни мерки, во околности кога во земјата веќе завладеа културата на ниска толеранција на промени, а големи на протести.Секако, меѓу резовите кои веќе се најавуваат се и политички најнепопуларните, а тоа е - промена на пензискиот систем.
Гледано од страна, тоа на некој начин е изненадување бидејќи претходната реформа во Парламентот неодамна усвоена, во март 2008 год., била прилично сеопфатна. Тогаш, стотина пензиски фондови биле реорганизирани и сведени на само 13, што подразбирало намалување на трошоците за нивно администрирање, укинати се многу шеми за привремено пензионирање, годините за заминување во пензија утврдени се на 65 за мажи и 60 за жени...
Колку за потсетување, тогашната реформа усвоена од тесното парламентарно мнозинство, предизвика жестоки протести на синдикатите и спротивставувања на ПАСОК. Папандреу тогаш, како лидер на опозицијата, грмел дека „Владата ги краде парите на народот“, а народот „макотрпно работел за своите пензионерски права, а сега тоа подмукло му се одзема“.Папандреу е сега во друга улога и мора поинаку да размислува, бидејќи неопходно е работите во пензискиот систем веднаш треба да се сменат, отколку пред скоро две години. И тогаш се тврдело дека системот е неодржлив на подолг рок, и дека ако не се смени, ќе банкротира. Сега е тоа уште поочигледно: ако не ги намали своите обврски спрема корисниците од една, и не го зголеми приливот на пари од друга страна, системот ќе колабрира веќе за 15 години.
Тие 15 години би можеле да се сметаат и за далечна иднина, ако не се појави изјавата според која земјата е до гуша во долгови – и дека државата има средства толку колку пензиите да се исплаќаат само уште оваа година.Папандреу најавил дека новиот пензиски систем ќе биде пуштен во процедура за усвојување дури кон средината на годинава, значи за шест месеци. Не се знае што сè ова ќе подразбира, но се предвидува дека меѓу новите мерки би можело да има и понатамошно намалување на бројот на фондовите, овој пат од 13 на само три, изедначување на старосната граница за престанок на активната работа и за мажите и за жените (65 години) и сл.
Во пензискиот сектор во Грција, инаку, најголема нерамнотежа постои меѓу потребите и можностите зошто за исплата на пензиите моментално се троши дури 12 отсто од бруто националниот производ.Владата има нови мерки за да ги спроведе, но останува да се види какви ќе бидат до тогаш приликите во Грција, на која и се закануваат социјални немири многу поголеми од побуната на младите која беснееше точно пред една година на улиците на Атина и другите градови, кога повод беше убистовот на едно младо момче од страна на полицијата, а суштинските причини, всушност, се многу подлабоки.
Имено, и Грција е на Балканот, каде се соочува и со за нас многу познатиот „балкански синдром“: цените се европски, а платите локални.Останува да се види со кое волшебно стапче и со какви политички акробации Папандреу ќе успее да го намали бројот на вработените во државниот сектор, во кој денес работи секој четврти вработен. До тоа дошло поради социјалните немири во последните децении кои предупредуваат – државата стана најголем работодавец.Веќе е најавено дека една од главните мерки ќе биде на секои пет државни службеници кои одат во пензија, да се вработува само еден нов. Тоа на прв поглед може да реши еден проблем, но ќе создаде друг: помалку вработени ќе издржуваат поголем број пензионери.
Како и да è, Грција нема да може да продолжи по старо, иако некое време добро и одело. По Олимпијадата во 2004 год., за која се потрошени многу пари, олимпискиот дух како да се симнал и во економијата: по избувнувањето на светската економска криза кој бил меѓу најголемите во ЕУ – меѓу четири и пет отсто годишно. Но, тоа по сè изгледа ги прикривало системските недостатоци, како што е сивата економија која и денес изнесува 30 отсто од БНП, што подразбира даночни затајувања и перманентна корупција.Очигледно, вака како што стојат работите, оваа година нема да биде лесна ни за Папандреу, ниту пак за Грците, а посебно за грчките пензионери, сегашни и идни.
СЕ ЗАОСТРУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ ВО ДЕЖЕЛАТА
СЛОВЕНИЈА: ПОДОЛГ РАБОТЕН ВЕК
Десет години после првата реформа на пензискиот систем, ситуацијата изнудила друг поголем зафат во врска со тоа како пензиите се доделуваат и валоризираа.Со редовните божиќни и новогодишни честитки, Словенците добиле и една специјална, што им ја испратила нивната влада: најава дека во текот на 2010 год. ќе биде дефинирана нова реформа на пензискиот систем.Словенците, меѓутоа, не се изненадени, бидејќи такво нешто им било најавувано уште минатиот септември. Но, не се ни радосни, зашто новиот зафат за тоа како пензиите ќе се доделуваат и валоризираат не е толку дарежлив како стариот, кој всушност, и не потрајал многу долго. Воведен е дури во 1999 год.
Синдикатите најавиле протести, поради тоа што со новата реформа се косат многу права и погодности кои постоеле, а од друга страна се заоструваат условите за пензионирање. Во тој поглед не помогнал ни состанокот на тамошниот Социјален совет (во кој седат претставници на владата, работодавците и синдикатите). Првите, се разбира, изнеле аргументи зошто системот мора да се менува и зошто не може веќе да се чека, работодавците сметале дека владиниот предлог е добра основа за понатамошна дискусија, а синдикатите биле против.Додека со претходната реформа било предвидено дека годините за престанок на работниот стаж се 63 за мажите и 61 за жените (кои уште можат во пензија и со наполнети 56 години и четири месеци од животот), според новиот систем границата за сите ќе биде – 65 години.
Но, клучна промена е тоа што веќе нема да има задолжително одење во пензија ниту со 65 години. Тие што сакаат да продолжат да работат, за тоа ќе бидат и стимулирани: пензијата ќе им биде повисока по два отсто за секоја екстра година.Јасно е со што е мотивирана оваа мерка. И Словенија рапидно старее, па со продолжување на работниот век го пополнува недостатокот од работна рака, но и го намалува притисокот врз фондовите, односно државниот буџет.Синдикатите протестираат, сметајќи дека со тоа се влошува положбата на вработените. Се повикуваат на фактот дека голем број денес работно активни Словенци почнале рано да работат, па новиот услов ќе резултира со тоа дека многумина до пензија ќе мора да работат дури 45 години. Министерството, пак, образложува дека новите генерации денес почнуваат подоцна да работат, па со 65 години ќе ги имаат вообичаените 40 години работен стаж.
Покрај споменатиот бонус, се воведуваат и казни. За секој месец предвремено пензионирање (значи, пред 65 години) пензијата ќе биде намалена за 0,3 отсто.Новиот систем, меѓутоа, нема да биде применуван од моментот кога, после сите консултации, ќе добие конечно аминување во парламентот. Се предвидува дека транзициониот период трае дури пет години, што значи дека неговото полно дејство ќе почне да важи дури од 1 јануари 2015 год. Но, и тогаш ќе се однесува само на оние кои се помлади од 55 години. Постарите ќе се пензионираат и понатаму по старо, но се верува дека до тогаш нема да бидат премногу.
Целта на сите промени е – создавање на „одржлив“ пензиски систем. Во текот на 2009 год. владата во пензиските фондови морала да дополни 125 милиони евра. Ако ништо не се промени, издвојувањата за пензии би достигнале 12 отсто од бруто националниот производ, што „Словенија себе си не може да си го дозволи“. Според ранг-листата што ја составила консултантската куќа „Алијанз глобал инвесторс“ (АГИ), Словенија, заедно со Грција и Шпанија, има еден од најнеодржливите пензиски системи во Европа. Инаку, листата е составена врз основа на демографските показатели, организацијата на актуелниот пензиски систем и состојбите во јавните финансии.
Според наодите на АГИ, додека Шпанија има „дарежлив прв столб“, Грција „многу дарежлив прв столб“, Словенија нема соодветен систем на повеќе столбови. Тоа практично значи дека реформите од 1999 година практично не успеале.Новиот систем во Словенија инаку, би имал три класични столбови и еден специјален. Првиот е вообичаено пополнување на фондовите со придонесите на работодавците и уплатите на вработените, вториот го подразбира истото, но како „премија“, односно дополнително, додека во третиот се само приватните, доброволни штедни сметки.
Четвртиот столб не е четврти, туку „нулти“. Тој на секој Словенец кој ќе наврши 65 години му обезбедувал пензиски додаток, кој во овој момент не е квантификуван, но кој би требало да ги замени постоечките државни пензии, кои сега изнесуваат околу 180 евра месечно. Што се однесува до доброволните уплати, тука Словенија и не стои толку лошо: дури 47 отсто од работно активните уплаќаат во пензиските фондови, и покрај тоа што за тоа издвојуваат нивните работодавци.
Промена претставува и зголемувањето на пресметковниот период за утврдување на износите на пензиите. Наместо досегашните 18 години, сега во предвид ќе се земаат примањата во текот на 35 години. Синдикатите ова го оспоруваат, бидејќи нивната сметка покажува дека со тоа пензиите во просек ќе се намалат за 10 отсто.Синдикатите се и против пензиската рамноправност, изедначување на работниот стаж кој е пензиски услов и за мажите и за жените.Што се однесува до ревалоризацијата на пензиите, во оптек е „швајцарската формула“: корекциите да се вршат со земање во предвид на двата за тоа клучни фактори, порастот на просечните плати и инфлацијата, во однос 50 спрема 50 отсто.
ШВАЈЦАРИЈА - КРИЗАТА НАМЕТНУВА ПРЕДИЗВИЦИ И КАЈ НАЈБОГАТИТЕ
ПОТЕНОК ЧЕК НА РЕФЕРЕНДУМОТ
Пред да се намалат примањата на пензионерите, за тоа ќе се изјасни целата нација.Се случува тоа што пред светската економска криза било незамисливо: на пензионерите да им се скратува и во Швајцарија.Но, Швајцарија е – Швајцарија, па за предлогот на владата завршен збор ќе кажат оние на кои тоа најмногу се однесува, пензионерите и оние кои, порано или подоцна, но неизбежно еден ден тоа ќе постанат, на референдумот закажан на 7 март 2010 година.Повод е предлогот да се смени формулата според која се пресметуваат пензиите, секако, во согласност со светскиот тренд, на сметка на пензионерите.
Два фактори, инаку преовладувачки се секаде во светот – намалените приходи во пензиските фондови и порастот на бројот на нивните корисници поради демографското „стареење на населението“, придонеле, како што тврди владата, во Швајцарија неизбежно да се намали таканаречената стапка на конверзија, процент на годишните исплати на пензионерите во однос на обемот на средствата кои во текот на работниот век одвојувале за стари денови во пензиските фондови. Досега тоа било 7,5 отсто за мажите и 7 отсто за жените (целосна дискриминација која постои и во оваа богата држава).
На еден практичен пример тоа значи дека некој кој во својот пензиски фонд вложил милион франци, кога ќе оди во пензија, додека е жив, има право да ужива приходи од 70 илјади франци годишно. Според новиот предлог, од почетокот на декември минатата година, овој влог би се намалил на 64 илјади франци.А што ако на референдумот во Швајцарија ова биде одбиено, што е веројатно, иако не и загарантирано.Во тој случај, прокоментирала министерката за економија Дорис Леутар, би било загрозено она што многу им значи на сите припадници на оваа нација од 7,5 милиони луѓе – економскиот просперитет на земјата.
Кампањата веќе почнала и ќе има доволно време за изнесување на сите аргументи – и соочување со новите реалности.Дел од таа реалност е и зголемениот број на пензионери. Во Швајцарија работниот век се завршува со 65 години за мажите и 64 за жените, додека за полн износ на пензии мажите треба да работат 44 години, а жените една година помалку. Денес постари од 65 години има 25,9 Швајцарци, а оние што денес се пензионираат, можат да се надеваат на статистички век од 85,3 години.Светската економска криза удрила не само на првиот столб од швајцарскиот пензиски систем, оној државниот од кого во целост зависат 2,1 милиони пензионери (три отсто повеќе отколку минатата година), туку и на другите. Шест од десет приватни пензиски фондови се во минус, што значи дека расходите им се поголеми од приходите. Изразено во франци, „покуси“ се за 22 милијарди (14,5 милијарди евра).
Во швајцарските пензиски фондови се вртат околу 450 милијарди евра, а во текот на оваа криза тие изгубиле околу четири отсто од својата вредност, што изнесува околу 18 милијарди. Загубата не е поголема, пред сè, поради тамошните строги прописи за тоа како фондовите можат да ги распоредуваат инвестициите со кои се оплодуваат. Според тие прописи, во странски хартии од вредност можат да вложуваат најмногу до 30 отсто од вкупното портфолио, 30 отсто во акции и 20 отсто во девизни обврзници.Охрабрувачка вест е дека првите три квартали донеле значаен опоравок на приходите од тие фондови, дури за околу девет отсто, што, меѓутоа, не довело и до нивна комплетна стабилизација.
Дека во ова време не е лесно да се биде пензионер ни во Швајцарија сведочи и податокот дека околу 45.000 тамошни пензионери се во категоријата сиромашни, што се околу три отсто од постарите жители. Да не е државната помош, во оваа категорија би се наоѓал секој осми Швајцарец постар од 60 години.Швајцарија има многу високи трошоци за живот во споредба со останатите земји на Европската унија, па согласно тоа и многу високо ниво на плати. Секако, се подразбира дека тие плати треба и да се заработат. Просечниот приход таму е блиску 6.000 евра месечно, што ги вклучува и платите, приходите од камата и имот и слично.
Makedonski
Shqip
English


